Џани Инфантино во четврток во Цирих ќе се соочи со фудбалските лидери кои сакаат да го отстранат од функцијата, во рамките на неговата прва средба со највисокиот раководен кадар на ФИФА откако пропадна неговиот план за продажба на удели во турнирите на ФИФА, вклучително и Светското првенство.
Инфантино се соочи со повици за оставка од лидерите на три регионални фудбалски конфедерации – УЕФА (Европа), АФК (Азија) и КОНКАКАФ (Северна и Централна Америка и Карибите), а нивните претставници ќе бидат присутни во Цирих на седницата на Советот на ФИФА.
На состанокот ќе им се приклучат и нивните колеги од Африка, Јужна Америка и Океанија.
Главна точка на дневениот ред ќе биде дискусијата за пропаднатата шема „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (FFE), која Инфантино беше принуден да ја напушти само неколку дена откако ја објави во јули.
Според тој план, Инфантино предлагаше продажба на малцински удел во трговската филијала на ФИФА на приватни инвеститори, при што компанијата основана од Џошуа Кушнер, братот на зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер, беше идентификувана како предложен главен инвеститор.
Советот кој брои 35 членови исто така ќе разговара за управувањето (говернансот) на ФИФА, при што некои од најмоќните фигури во спортот се решителни да ги ограничат овластувањата на Инфантино доколку не можат насилно да го отстранат од функцијата.
Инфантино (56) ќе се кандидира за реизбор во март 2027 година, а крајниот рок за потенцијалните кандидати да ги поднесат своите номинации истекува на 18 ноември.
Минатата недела поранешниот дефанзивец на Швајцарија и Тотенхем Хотспур, Рамон Вега, објави дека има намера да се кандидира, но тој сè уште нема потврдено дали ја има поддршката од петте национални сојузи што се неопходни за влегување во трката.
Планот FFE ја разоткри длабоката поделеност во светскиот фудбал, при што Александер Чеферин, Салман Ал Калифа и Виктор Монтаљани – претседателите на УЕФА, АФК и КОНКАКАФ – изјавија дека е време за промени на врвот на ФИФА.
Сепак, Инфантино интензивно бара поддршка во обидот да остане на власт и доби овации кога минатата недела се сретна со лидерите на африканскиот фудбал во Зеленортските Острови.
Се очекува тој да ја добие и поддршката од Јужна Америка на изборите следната година во Рабат, Мароко. И покрај критиките од АФК за неговото лидерство, многу земји во Азија, вклучително и блокот на арапски земји, веќе понудија своја поддршка.
Напреднати дискусии и ревизии
Луѓе запознаени со ситуацијата изјавија за „Ројтерс“ дека иако шансите за пронаоѓање замена за Инфантино се мали, неговите противници се решени да го остават поизолиран и да му ги намалат овластувањата.
Покрај разгледувањето на FFE, членовите на советот се очекува да дискутираат за финансиските резерви на ФИФА и колку пари може да им се исплатат на националните сојузи, како и за дисциплинските процедури, рамката за владеење и контроверзната Награда за мир која минатата година му беше доделена на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Минатиот месец УЕФА и КОНКАКАФ повикаа ФИФА да ослободи по 10 милиони долари за секој од своите 211 сојузи членки, со што се спротивставија на предлогот на Инфантино според кој сојузите би добиле 20 милиони преку развојно финансирање и потенцијален пристап до дополнителни 20 милиони.
Емануел Медеирос, основач и главен извршен директор на „Спорт интегрити глобал алијанс“ (Sport Integrity Global Alliance), група за притисок за подобра управа во спортот, изјави дека ФИФА мора да има „отворена дискусија“ во Цирих.
„Очите на светот се вперени во нив“, рече тој. „Светот на фудбалот очекува совет што ќе ја искористи оваа единствена можност да воспостави вистински независна, сеопфатна и транспарентна ревизија на управувањето… Секако сакаме да видиме нов импулс, нова динамика.“
Сепак, адвокатот и политичар Мигел Мадуро, кој беше претседател на Комитетот за управување на ФИФА во 2016 година пред да биде отпуштен од Инфантино, изјави дека би бил изненаден доколку од состанокот во четврток излезе нешто суштинско.
„Тие можат да најават формирање на работна група или дури и независна ревизија на управувањето со ФИФА, но кредибилитетот на таквите потези ќе биде многу ограничен со оглед на минатото на ФИФА“, рече тој.
