Германскиот гигант за воена опрема „Рајнметал“ и сојузната покраина Хесен ќе вложат стотици милиони евра за проширување на одбранбениот индустриски комплекс во западна Германија. Договорот го потпишаа премиерот на Хесен, Борис Рајн, и извршниот директор на компанијата, Армин Папергер, на аеродромот Касел-Калден. Проектот предвидува над 1.000 нови работни места и нови капацитети за производство на оклопни возила и тестирање беспилотни летала.
Финансискиот план предвидува директна инвестиција од „Рајнметал“ вредна повеќе од 260 милиони евра. Парите се наменети за фабричкиот комплекс во Касел и за инфраструктурата на самиот аеродром.
Покраината Хесен учествува со дополнителни 25 милиони евра од буџетот. Локалните власти очекуваат иницијативата наречена „Одбранбен центар Северен Хесен“ да ги активира и домашните добавувачи на материјали и услуги во регионот.
Планот не застанува само на фабричките хали. На аеродромот Касел-Калден ќе никне централен логистички центар, центар за обука и полигон за тестирање беспилотни летала.
За логистичките потреби и испораката по принципот точно на време се обезбедува магацински простор од над 30.000 квадратни метри. Со ова се забрзува целиот процес на составување и испорака на воената опрема.
Главен производствен фокус во Касел останува оклопното борбено возило на тркала „Боксер“ (GTK Boxer).
„Касел е и во догледна иднина ќе остане најголемиот европски погон за производство на тенкови“, изјави извршниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, по потпишувањето на меморандумот.