Пред неколку дена, компанијата OpenAI реши проблеми кои со децении ги мачеа научниците, објавувајќи над 700 математички трудови. Потегот предизвика неверување меѓу водечките математичари во светот. Дел од нив сметаат дека развојот на вештачката интелигенција е пребрз, предупредувајќи дека нивните полиња на истражување се уништени, поради што бараат прекин на соработката со компанијата.
OpenAI првично објави 722 трудови организирани во 372 групи резултати, изработени од нивен интерен модел кој сè уште не е јавно достапен. Веќе следниот ден, компанијата повлече три труда поради грешка и корегираше уште 14, оставајќи 719 јавно достапни документи на платформата GitHub.
Напредокот ги изненади експертите, бидејќи пред помалку од две години моделите имаа потешкотии со средношколски задачи. Тимоти Гауерс, професор по математика на Кембриџ и на Колеж де Франс, изјави за Скај Њуз дека брзината е шокантна. Според него, вештачката интелигенција за една година преминала од ниво на просечен докторанд до ниво на врвен математичар. Тој ја опиша ситуацијата како цунами кое истражувачите го гледаат од плажата, пред целосно да ги удри.
Резултатите опфаќаат теорија на броеви, геометрија, математичка физика и теоретско компјутерство. Еден од нив се однесува на хипотезата „Unique Games“, отворен проблем во теоретското компјутерство. Скот Аронсон од Универзитетот во Тексас посочи дека неговата сопруга, математичарката Дана Мошковиц, работела на овој проблем речиси цела своја кариера.
Аронсон го оцени овој настан како еден од најголемите денови во историјата на математиката. Сепак, тој предупреди дека никој сè уште не ги разбира целосно новите докази. Според него, математичарите кои со години граделе знаење сега гледаат како компјутерот нуди резултати до кои тие самите не успеале да стигнат.
Точноста на овие решенија останува прашање. Околу 42 отсто од главните резултати имаат формализирани докази во системот Lean, кој овозможува компјутерска проверка. Но, и таму е неопходно да се потврди дека компјутерската проверка одговара на изворното математичко тврдење. Компанијата призна дека повлечените трудови содржеле грешка која нарушила повеќе резултати, предупредувајќи дека и текстовите без формализирани докази може да содржат пропусти.
Францускиот математичар Иго Думинил-Копен, добитник на престижниот Филдсов медал за 2022 година, за Ле Монд признал дека плачел кога ги видел резултатите. Дури 16 од проблемите се директно поврзани со неговите истражувања. Тој наведе дека компанијата му го уништила полето на истражување, откако компјутерот за кратко време генерирал 13 трудови кои покриваат фази за кои на луѓето би им биле потребни години.
Поради овие потези, Здружението за човечка математика побара прекин на соработката со OpenAI. Здружението тврди дека масовната објава е само демонстрација на моќ, а не квалитетна наука, инсистирајќи дека истражувањата треба да останат насочени кон човечкото разбирање. Познатиот математичар Теренс Тао ја сподели нивната изјава. OpenAI, кои пред објавата се консултирале со експерти од Институтот за напредни студии во Принстон, тврдат дека целта им е само да ги забрзаат научните откритија.
Оваа објава доаѓа еден месец откако OpenAI претстави предложен доказ поврзан со Навие-Стоксовите равенки. Овие равенки го опишуваат движењето на течностите и гасовите и се еден од седумте „милениумски проблеми“ кои Институтот Клеј ги дефинираше во 2000 година. Секое решение носи награда од еден милион долари. Иако компанијата не тврди дека официјално ја освоила наградата, нивните чекори неповратно го менуваат пристапот кон решавањето на најтешките научни прашања.