Хималаите не се смируваат: Денеска и утре се стравува од нови бранови на поплави и одрони

По разорните поплави во Непал, стручњаците предупредуваат на нова опасност. Денеска и утре се можни втор и трет бран на одрони и поплави

Опасноста во погодените подрачја на Хималаите и натаму не е завршена. По разорните поплави и одрони во Непал, стручњаците предупредуваат дека денеска и утре се можни нови, втор и трет бран на одрони и поплави. Басанта Раџ Адхикари, директор на Центарот за проучување на катастрофи при непалскиот Универзитет „Трибхуван“, за Би-би-си изјавил дека во моментов не може со сигурност да се предвиди дали и кога би можеле да се случат нови бранови.

„Сè уште не знаеме“, рекол Адхикари, кој додал дека е во контакт со колеги во Кина што внимателно ја следат состојбата.

Иако во моментов нема обилни врнежи, опасноста од нови одрони останува висока поради нестабилноста на теренот. По големите поплави, земјиштето и карпите во погодените планински области остануваат подложни на дополнителни одрони.

Адхикари посочил дека експертските тимови подолго време ги следат ризиците во Хималаите, особено оние поврзани со климатските промени.

„Климатските промени навистина се случуваат овде. Ги следиме, но не можевме да знаеме дека нешто вакво ќе се случи токму на одреден ден“, изјавил тој.

Спасувачките екипи продолжуваат со операциите во погодените области, додека властите и експертите ја следат состојбата на теренот поради можноста за нови поплави и одрони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс