Instagram воведува „полициски час“ за тинејџери: два часа дневно и забрана за скролање по полноќ

Instagram и Facebook воведуваат двочасовен дневен лимит и блокада од полноќ до 6 часот за тинејџери во САД, како дел од спогодба со 48 држави.

Мета воведува нови ограничувања за користењето на Instagram и Facebook од страна на малолетници во САД. Според договорот вреден речиси 18 милијарди долари, тинејџерите ќе имаат ограничување од два часа дневно, а пристапот до платформите ќе им биде блокиран од полноќ до 6 часот наутро. Новите правила се дел од спогодбата на Meta со 48 американски сојузни држави, која компанијата ќе ја плаќа во следните десет години. Поголемиот дел од мерките ќе останат во сила во истиот период.

Меѓу промените се и скриениот број на „лајкови“, зајакнати проверки на возраста и задолжително активирани безбедносни поставки за тинејџерските профили.

Instagram ќе се „гаси“ во текот на ноќта

Една од најголемите промени е што тинејџерските профили автоматски ќе бидат блокирани за користење од 00:00 до 06:00 часот. Дополнително, времето поминато на Instagram и Facebook ќе биде ограничено на два часа дневно. Ограничувањето нема да може едноставно да се исклучи – за тоа ќе биде потребна дозвола од родител.

Meta соопшти дека возрасните исто така ќе можат да користат дел од новите алатки, како потсетници за ограничување на времето поминато на платформите, но нема да можат да ги активираат сите поставки наменети за тинејџери.

Експертите: Два часа скролање не значат дека проблемот е решен

Иако критичарите признаваат дека новите мерки се најобемниот чекор на Meta досега во областа на безбедноста на децата, предупредуваат дека тие не го решаваат целосно проблемот. Артуро Бехар, поранешен директор за инженеринг во Meta, смета дека ограничувањето на времето не е доволно ако алгоритмите продолжат да им препорачуваат штетна или зависничка содржина на младите.

Според него, тинејџер кој ќе го достигне лимитот од два часа и понатаму може да чувствува притисок да продолжи со скролање поради начинот на кој се дизајнирана платформата. Токму алгоритамските препораки и нивното влијание врз младите беа меѓу главните прашања во судската постапка која заврши со спогодбата.

Посилни проверки на возраста

Meta се обврза и на зајакнување на системот за проверка на возраста. Компанијата ќе ги комбинира сопствените технологии со системи на трети страни, а нивната ефикасност редовно ќе биде проверувана од независни ревизори. Спогодбата предвидува и конкретни цели за намалување на случаите во кои малолетници погрешно се идентификуваат како возрасни.

Доколку Meta утврди дека некој корисник е помлад од 13 години и го отстрани од платформата, ќе проверува и колку години имаат неговите пријатели. Според американските правила за заштита на приватноста на децата, корисниците мора да имаат најмалку 13 години за да имаат профил.

Некои заштитни функции ќе се активираат автоматски

Досега голем дел од безбедносните алатки на Meta требаше рачно да ги активираат родителите или самите корисници. Со новата спогодба тоа се менува. Ограничувањето од два часа дневно и ноќната блокада од полноќ до 6 часот наутро ќе бидат активирани автоматски за тинејџерските профили.

Но, други функции и понатаму ќе останат изборни. Меѓу нив се исклучувањето на автоматското пуштање видеа и можноста содржината да се прикажува по хронолошки редослед наместо според алгоритам. Токму тоа предизвикува критики од организации за онлајн безбедност, кои сметаат дека Meta премногу се потпира на родителите наместо одредени потенцијално штетни функции да ги исклучи автоматски.

Дали ограничувањето навистина ќе помогне?

Истражувачите предупредуваат дека е прерано да се процени дали новите мерки ќе донесат вистинска промена. Претходните безбедносни алатки на Meta во повеќе случаи не ги исполниле очекувањата, а дел од нив имале многу мала употреба меѓу тинејџерите.

Сепак, експертите оценуваат дека новата спогодба покажува оти технички е возможно платформите да се дизајнираат на побезбеден начин. Новите правила засега ќе важат само во САД, а нивната примена е предвидена во период од десет години.

Двете американски сојузни држави – Ново Мексико и Флорида – не се дел од спогодбата. Ново Мексико веќе доби одделен случај против Meta, додека Флорида одби да се приклучи бидејќи нејзиниот јавен обвинител оцени дека условите не се доволно строги. За родителите, најголемата промена е едноставна: за тинејџерите во САД, Instagram повеќе нема да биде достапен цела ноќ, а дневното скролање ќе има автоматски лимит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс