Тигар уби маж кој влегол во неговото живеалиште во зоолошка градина во Англија

Посетителка се обидела физички да го повлече пред да скокне во оградениот простор, но тој се оттргнал и паднал пред ѕверот.

Маж загина во саботата попладне откако влегол во просторот со тигри во паркот за диви животни во Јоркшир, Англија. Итните служби пристигнале во зоолошката градина во Донкастер околу 13:35 часот по дојава за напад од животно, но лекарите можеле само да констатираат смрт на лице место. Очевидци сведочат за вознемирувачки сцени во кои маж влегол во кафез со тигар пред очите на преплашените семејства.

Инцидентот се случил додека десетици луѓе стоеле пред заштитното стакло и оградата. Посетителите Ентони Хант и Скарлет Хоган раскажаа дека една жена со две деца очајнички се обидувала да го задржи мажот додека тој се подготвувал да се префрли преку безбедносната бариера.

Според нивните изјави, тој бил физички посилен, успеал да се истргне од нејзините раце и скокнал право во живеалиштето на тигарот.

Хант и Хоган го фотографирале сибирскиот тигар по име Алтај токму во моментите кога животното нагло го сменило однесувањето и се вознемирило.

„Го следевме погледот на тигарот и забележавме движење во аголот. Животното се напна и тргна директно кон него“, изјави 21-годишната Хоган. Таа додаде дека мажот држел мобилен телефон, правел гестови како да се слика, а потоа почнал да му се поклонува и да му се моли на ѕверот како да е во некаков транс.

По неколку секунди збунетост, животното скокнало и го нападнало на подот од живеалиштето.

Нападот веднаш го отвори прашањето за физичката заштита и висината на бариерите во европските паркови за диви животни, каде што посетителите често се одвоени од опасните грабливци само со суви ровови или ниски огради.

Дел од очевидците наведоа тврдења дека настраданиот маж можеби имал попреченост од спектарот на аутизам, но полицијата и раководството на паркот сè уште немаат излезено со официјална потврда за неговиот идентитет и психофизичка состојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс