Нвидиа се договорила за преземање на Хагинг Фејс за 12,9 милијарди долари, објави „Информејшн“, повикувајќи се на извор запознаен со договорот. Доколку трансакцијата биде финализирана, тоа ќе биде едно од најголемите преземања во историјата на Нвидиа.
Хагинг Фејс е основан во 2016 година и денес претставува една од централните платформи за развој и споделување модели, податоци и алатки за вештачка интелигенција. На платформата програмерите и истражувачите можат да објавуваат, преземаат и користат отворени модели за различни намени.
За Нвидиа, преземањето носи стратешка предност бидејќи компанијата досега доминираше пред сè со своите графички процесори и инфраструктура за вештачка интелигенција. Со Хагинг Фејс би добила уште посилна позиција во екосистемот на отворената вештачка интелигенција.
Причината е и во тоа што големите технолошки компании, меѓу кои ОупенАИ, Гугл, Амазон и Антропик, развиваат сопствени чипови за да ја намалат зависноста од Нвидиа. Отворените модели, пак, можат да им понудат на корисниците поширок избор на системи и решенија, но истовремено и понатаму да создаваат побарувачка за инфраструктурата на Нвидиа.
Хагинг Фејс претходно веќе имаше финансиска врска со Нвидиа. Во 2023 година компанијата учествуваше во инвестициска рунда од 235 милиони долари, со која Хаџинг Фејс беше проценет на 4,5 милијарди долари.
Нвидиа претходно понудила и 500 милиони долари за инвестиција во Хагинг Фејс, со проценка на компанијата од околу седум милијарди долари. Понудата била одбиена, меѓу другото поради загриженоста дека еден доминантен инвеститор би можел да влијае врз независноста на платформата.
Токму прашањето за независноста сега повторно се отвора. Хагинг Фејс е познат по тоа што поддржува модели и алатки кои работат на различен хардвер, вклучително и решенија од конкуренти на Нвидиа. Потенцијалното преземање затоа може да предизвика и дебата за тоа дали платформата ќе ја задржи досегашната неутралност.
Зделката доаѓа во период на агресивно ширење на Нвидиа во целиот сектор на вештачката интелигенција. Компанијата веќе инвестира во различни стартапи и инфраструктурни компании, додека истовремено се обидува да ја задржи доминацијата во хардверот и да го прошири своето присуство во софтверот и облачните услуги.
Хагинг Фејс, од друга страна, бележи брз раст на приходите, но и понатаму е релативно мала компанија во споредба со вредноста што Нвидиа сега е подготвена да ја плати. Според „Информејшн“, годишните приходи на компанијата неодамна достигнале околу 150 милиони долари.