Шпионскиот сателит на САД станува нов моќен телескоп на НАСА

Оптичкиот хардвер првично изграден за американското воено разузнавање доби нова научна мисија за набљудување на длабоката вселена.

Новиот вселенски телескоп на НАСА, именуван како Ненси Грејс Роман, наскоро полетува од Вселенскиот центар Кенеди на Флорида со ракета на СпејсИкс (SpaceX). Инструментот што треба да го наследи Хабл (Hubble) не започна како астрономски проект. Неговата конструкција потекнува од американската Национална канцеларија за извидување (NRO), разузнавачката агенција задолжена за шпионските сателити на САД.

Основата на новиот телескоп лежи во хардвер развиен за потребите на военото разузнавање по терористичките напади на 11 септември. Канцеларијата NRO планирала користење на сателитот за таен надзор врз противници на САД, но проектот бил прекинат пред леталото да стигне до лансирната рампа.

Вишокот оптичка опрема останал во складиштата на агенцијата сè додека разузнавачите не одлучиле да ѝ понудат два неискористени сателитски системи на вселенската агенција. Инженерите на НАСА го прифатиле главниот оптички склоп и започнале сеопфатна пренамена за набљудување на галаксиите наместо на земјината површина.

Воената оптика барала сериозни технички модификации пред да може да послужи за астрофизички мерења. Сателитите за надзор се конструирани да снимаат детали на Земјата со тесно видно поле, додека вселенската опсерваторија бара широк преглед на вселената и детекција на исклучително слаба инфрацрвена светлина.

НАСА го задржа примарното огледало со дијаметар од 2,4 метри, идентично по големина со она на Хабл, но додаде нови сензори и детектори со широко поле. Со овие измени, инструментот може да опфати површина од небото која е 100 пати поголема од видното поле на неговиот претходник при секое поединечно снимање.

Телескопот Роман ќе се фокусира на две главни научни задачи: мапирање на распределбата на темната материја и мерење на забрзаното ширење на вселената, како и откривање илјадници нови егзопланети надвор од Сончевиот систем.

Лансирањето се врши со ракетата Фалкон Хеви (Falcon Heavy), по што опсерваторијата ќе се упати кон орбитата Лагранж 2 (L2), точка оддалечена 1,5 милиони километри од Земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс