29 години од смртта на принцезата Дијана во тунелот Алма во Париз

Од детството во Норфолк, преку венчавката од бајките и разводот, до хуманитарната работа што ѝ донесе светска почит
Фото: National Portrait Gallery/© Mario Testino

Принцезата Дијана загина на 31 август 1997 година, откако автомобилот во кој патувала со Доди ал-Фајед се судрил во тунелот под мостот Алма во Париз. Имала 36 години. Зад трагичната ноќ стои живот кој започнал во изнајмена куќа на имотот на кралицата во Норфолк, продолжил со венчавка што ја следеле околу 750 милиони луѓе ширум светот и завршил со хуманитарна работа со која Дијана стекна почит далеку надвор од границите на британското кралско семејство.

Дијана Френсис Спенсер е родена на 1 јули 1961 година во Парк Хаус, куќа што нејзините родители ја изнајмувале на имотот на кралицата Елизабета Втора во Сандрингам, Норфолк. Меѓу нејзините другари од детството биле и помладите синови на кралицата, принцот Андру и принцот Едвард. Уште од најрана возраст, животот на идната принцеза бил тесно испреплетен со британското кралско семејство.

Венчавка што ја следеле 750 милиони луѓе

На 29 јули 1981 година, дваесетгодишната Дијана се омажила за принцот Чарлс во катедралата „Свети Павле“ во Лондон. Катедралата била избрана наместо Вестминстерската опатија затоа што нудела повеќе места за гости. Венчавката, која брзо станала позната како „венчавка од бајките“, ја следела телевизиска публика од околу 750 милиони луѓе ширум светот, додека околу 600.000 луѓе излегле на улиците на Лондон за да ја видат Дијана на патот кон церемонијата.

Во нервозата пред олтарот, Дијана случајно го измешала редоследот на имињата на Чарлс, кажувајќи „Филип Чарлс Артур Џорџ“ наместо „Чарлс Филип Артур Џорџ“. Со венчавката, Дијана станала принцеза од Велс. Двојката добила двајца синови, принцот Вилијам, роден во 1982 година, и принцот Хари, роден во 1984 година.

Развод по 15 години брак

Бракот меѓу Дијана и Чарлс завршил со развод на 28 август 1996 година, по формалната одлука за развод донесена претходно во процесот. По разводот, Дијана го задржала титуларното ословување „принцеза од Велс“, но ја изгубила титулата „Нејзино кралско височество“. Нејзините официјални кралски ангажмани биле значително намалени, но таа продолжила со хуманитарната работа.

По разводот, Дијана го насочила своето внимание кон помал број каузи на кои останала силно посветена. Таа отворено зборувала за теми кои во тоа време не биле вообичаен дел од јавниот ангажман на членовите на кралското семејство, меѓу кои ХИВ/сидата и лепрата. Била покровителка на повеќе добротворни организации што работеле со бездомници, млади луѓе, зависници од дрога и постари лица. Од 1989 година била претседателка на детската болница „Грејт Ормонд Стрит“.

Во последната година од животот, Дијана даде силна јавна поддршка на Меѓународната кампања за забрана на нагазни мини. Кампањата ја доби Нобеловата награда за мир во 1997 година, неколку месеци по нејзината смрт.

Ноќта во тунелот Алма

Несреќата се случила во раните утрински часови на 31 август 1997 година. Мерцедесот во кој патувале Дијана и Доди ал-Фајед, според истрагите, се движел со голема брзина додека бил следен од папараци на мотоцикли. Возилото се судрило со столб во тунелот под мостот Алма во Париз. Возачот Анри Пол, кој работел како вршител на должноста шеф на обезбедувањето во хотелот „Риц“, и Доди ал-Фајед загинале на местото на несреќата.

Телохранителот Тревор Рис-Џонс бил единствениот преживеан, но бил тешко повреден. Дијана била пренесена во болницата „Питје-Салпетриер“, каде што починала неколку часа подоцна, во 4:53 часот. Форензичарот д-р Ричард Шепард, кој подоцна го анализирал случајот, во својата книга навел дека најверојатно би имала поголеми шанси за преживување доколку носела безбедносен појас.

Синовите дознале следното утро

Принцовите Вилијам и Хари, тогаш на 15 и 12 години, ноќта ја поминале во замокот Балморал со татко им и другите членови на кралското семејство. Принцот Чарлс чекал до следното утро за лично да им ја соопшти веста за смртта на нивната мајка. Смртта на Дијана предизвика огромна јавна реакција во Велика Британија и низ целиот свет. Илјадници луѓе оставаа цвеќе пред палатата Кенсингтон, а погребот го следеа стотици милиони гледачи.

Начинот на кој загина Дијана, додека автомобилот бил следен од папараци трајно влијаеше врз односот на нејзините синови кон медиумите и повторно ја отвори дебатата за границите на медиумското следење на јавните личности. Иако официјалните истраги утврдија дека несреќата била последица на комбинација од фактори, меѓу кои брзината на возилото и алкохолот кај возачот, околностите околу смртта на Дијана и денес се предмет на бројни теории на заговор.

Деветнаесет години по нејзината смрт, Дијана останува една од најпрепознатливите личности на 20 век – принцеза која го промени начинот на кој јавноста го гледаше британското кралско семејство и која хуманитарната работа ја претвори во еден од најсилните делови од своето наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс