Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека руски и израелски мрежи организирано ширеле дезинформации за кризата во Сеута, користејќи го приливот на мигранти за политички притисок врз Мадрид. Во интервју за радиото „Кадена СЕР“, Санчез наведе дека овие структури, заедно со меѓународната крајна десница, ја нападнале шпанската влада поради нејзините јасни позиции за војните во Украина и на Блискиот Исток.
Според анализите на шпанската влада, на социјалните мрежи масовно се пласирале неточни информации за пресудите на шпанскиот Врховен суд. Меѓу нив била и невистината дека луѓето што пливајќи ќе влезат во Сеута повеќе не смеат да бидат вратени од границата. Санчез посочи дека целта била поттикнување поделби.
„Постоеја руски и израелски мрежи кои ги ширеа тие лажни информации и ја напаѓаа шпанската влада и Европа во врска со така чувствително прашање како нерегуларната миграција, кое дели и поларизира многу европски општества“, изјави премиерот. Истрагата за сите околности сѐ уште трае.
Настаните во шпанската енклава во северна Африка ескалираа на 30 и 31 јули, кога во Сеута влегоа над 70.000 луѓе. Повеќе од 90 проценти од нив во меѓувреме ја напуштија територијата, додека околу 5.000 лица сѐ уште се во нерегулиран статус.