„Да ви кажам право“ – новата книга на Огнена Никуљски ќе биде промовирана во МКЦ

Посебно место во книгата зазема жената во подоцнежните години од животот, нејзините желби, стравови, промени и потребата повторно да се пронајде себеси.

Во вторник, на 13 октомври, со почеток во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи промоција на збирката раскази „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски, во издание на „Или-Или“.

Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторката, што ќе го води Сања Михајловиќ-Костадиновска.

„Да ви кажам право“ е збирка раскази што се издвојува по својата непосредност, искреност и препознатливиот поглед кон секојдневниот живот. Никуљски пишува за љубовта, разочарувањата, семејството, осаменоста, насилството, спомените и стареењето, не избегнувајќи ги темите за кои често се молчи.

Жената, годините и слободата да се биде свој

Посебно место во книгата зазема жената во подоцнежните години од животот, нејзините желби, стравови, промени и потребата повторно да се пронајде себеси.

Авторката ги истражува стареењето и односот кон сопственото тело, но и внатрешната сила, самоиронијата и желбата за живот што не исчезнува со годините.

Нејзината проза се одликува со природен јазик, живи дијалози и хумор што се движи од благ до остар и црн. Преку секојдневни ситуации, комшиски разговори и лични преиспитувања, таа создава свет во кој трагичното и смешното постојано се испреплетуваат.

Огнена Никуљски е родена во Скопје во 1951 година. Таа е пензионирана професорка по шпански јазик, книжевна преведувачка и авторка.

Нејзиниот дебитантски роман „И ѕирка и проѕирка“ беше меѓу финалистите за наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

„Да ви кажам право“ е нејзина втора објавена книга, со која го продолжува своето книжевно истражување на човековите односи, личните искуства и слободата да се живее во согласност со себеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс