Гутереш по смртта на Ратко Младиќ: Солидарност со жртвите на неговите злосторства

Младиќ почина во Хаг додека ја издржуваше доживотната казна. Во 2021 година правосилно беше потврдена неговата осуда за геноцидот во Сребреница и други злосторства.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази солидарност со жртвите, преживеаните и нивните семејства по смртта на Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на босанските Срби, кој почина во Хаг додека ја издржуваше доживотната казна.

„Генералниот секретар изразува солидарност со жртвите, преживеаните и нивните семејства кои ги претрпеа злосторствата за кои Младиќ беше прогласен за виновен“, соопшти неговиот портпарол.

Гутереш истовремено порача дека судските наоди се конечни и дека фактите утврдени со правосилните пресуди се дел од историскиот запис. Тој повика и на воздржување од негирање на сериозноста на злосторствата за кои Младиќ беше осуден.

Младиќ почина во затвор во Хаг

Смртта на Младиќ на 27 август ја потврди Механизмот за меѓународни кривични трибунали на ОН, со најава дека ќе биде спроведена истрага за околностите на смртта, како што е предвидено во вакви случаи. Младиќ почина на 84-годишна возраст, додека отслужуваше доживотна затворска казна за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Босна и Херцеговина во периодот од 1992 до 1995 година.

Правосилно осуден за геноцидот во Сребреница

Во 2017 година Младиќ беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. Во јуни 2021 година, жалбениот совет на Механизмот ги отфрли жалбените основи на неговата одбрана, со што пресудата стана правосилна.

Младиќ беше прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница во 1995 година, како и за прогон, истребување, убиства, депортации, нехумани дела, тероризирање на цивили, незаконски напади врз цивили и земање заложници. Во Сребреница во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 босански муслимани, главно мажи и момчиња, во масакрот кој меѓународните судови го утврдија како геноцид.

Младиќ беше уапсен во Србија во 2011 година, по речиси 16 години бегство, а во 2017 година беше осуден на доживотен затвор. По неговата смрт, претставниците на жртвите и преживеаните повторно порачаа дека неговата смрт нема да ги врати жртвите и не ги менува судски утврдените факти за злосторствата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс