Новата портпаролка на Доналд Трамп, Кејти Захарија, го одржа првиот брифинг во Белата куќа во вторникот наутро и го заврши по само 14 минути. Нејзиниот настап беше обележан со читање подготвен текст, неодговорени прашања и лапсус што ги насмеа новинарите. Истиот ден мораше да објаснува и каде го положила правосудниот испит. Одговорот беше: во Кина.
Од Пепердајн преку Пекинг до Трамп медија
Захарија дипломирала политички науки на Универзитетот Пепердајн во Калифорнија во 2007 година, а во 2011 година дипломирала и на правниот факултет на истиот универзитет. Потоа, од август 2011 до јуни 2013 година, работела како соработничка во меѓународниот тим на адвокатската фирма Џонг Лун во Пекинг. Според Белата куќа, таму се преселила со сопругот, кој добил работа во американска приватна инвестициска фирма.
Претходно оваа година била заменик-помошник секретарка за односи со јавноста и портпаролка на Министерството за внатрешна безбедност. Во моментов е главна правна советничка во „Фикс Калифорнија“ и висока советничка за комуникации во „Трамп медиа енд текнолоџи груп“. Редовно го бранеше претседателот во телевизиски емисии. Таа ја замени Каролин Ливит, која ја напушти функцијата во август.
Четиринаесет минути, три медиуми
Речиси половина од брифингот Захарија ги читаше достигнувањата на Трамп. Меѓу нив ја спомена и операцијата во Венецуела, која ја опиша како „историска еднодневна војна“, по што видливо воздивна, оставајќи впечаток на непријатност.
Прашања поставуваа само новинари од „Брајтбарт“, „Фокс њуз“ и „Дејли мејл“. Се чинеше дека ги прозива според список напишан на картонче, кое го фотографираше фотограф поставен над говорницата. Кога Питер Дуси од „Фокс њуз“ праша дали САД ја прекинале размената на разузнавачки информации со Украина, Захарија немаше одговор и рече дека дополнително ќе му одговори.
Единствената конкретна вест ја соопшти одговарајќи на прашање на „Дејли мејл“: Трамп побарал од Кимберли Гилфојл, поранешна водителка на „Фокс њуз“ и поранешна вереница на неговиот најстар син, да поднесе оставка од функцијата амбасадорка во Грција. Потоа го заврши брифингот, повикувајќи се на заминувањето на Трамп за Алјаска.
Мајка на четири деца и лапсусот
Новинарка на „Дејли мејл“ ја праша како ќе ја усогласи работата со грижата за четирите деца, откако нејзината претходничка, според извештаите, ја напуштила функцијата поради тешкотиите да ги усогласи работните обврски со грижата за двете деца. Захарија се збуни и рече: „Мојот претседател, мислам, мојот сопруг“….
По смеата во салата, таа додаде дека Трамп е најпријателски настроенио претседател кон семејствата и дека ангажирал повеќе жени кои имаат семејства и мали деца.
„Кога се преселив во Кина“
Новинарот Џад Легум објави дека не нашол докази оти Захарија некогаш положила правосуден испит во која било американска сојузна држава или во Вашингтон, иако во најмалку 18 телевизиски настапи на „Фокс њуз“ од март 2025 година била претставувана како адвокатка.
На прашањето во која сојузна држава го положила испитот, таа одговорила: „Кога се преселив во Кина“. Меѓутоа, странските државјани во Кина не смеат да полагаат национален правосуден испит ниту да застапуваат странки пред суд. Во писмена изјава Захарија рекла дека работела во областа на меѓународното трансакциско право со соодветни квалификации, но не појаснила дали положила правосуден испит во која било сојузна држава.
Старите објави за Подеста
Во објава од 2022 година, Захарија го нарекла Џон Подеста, поранешен шеф на кабинетот на Белата куќа, „Педо Подеста“. Истата година споделила објава од крајнодесен коментатор кој тврдел дека демократите сакаат да ги силуваат децата.
Критики и од внатрешноста на Белата куќа
Поранешната портпаролка на Џо Бајден, Џен Псаки, напиша дека брифингот бил „во суштина скеч на СНЛ“. Ентони Скарамучи, кој беше отпуштен по само 11 дена на функцијата во 2017 година, оцени дека Захарија засега е „една единаесеттина од Скарамучи“.
Посериозни се критиките што доаѓаат од самата Белата куќа. Неименуван функционер изјави за „МС НОУ“ дека Захарија мора брзо да се поправи, инаку нејзиниот мандат би можел да биде пократок и од оној на Скарамучи. Советници и функционери изјавиле за Си-ен-ен дека настапот бил „брутален“, чуден, вкочанет и непријатен, а некои од нив не разбирале зошто толку брзо била испратена пред новинарите.
Дел од реакциите се однесуваа и на нејзиниот изглед. Новинарот Арон Рупар напиша дека Трамп нашол портпаролка која тешко чита, но го исполнува главниот услов: да личи на Иванка. Корисниците на платформата за предвидувања „Полимаркет“ веќе се обложуваат колку долго ќе остане на функцијата.
Трамп: „Многу е добра“
Претседателот изјави дека Захарија била „многу добра“, додека директорот за комуникации, Стивен Чеунг, ја нарече одлично засилување за тимот. Пофалби упати и нејзината претходничка, Каролин Ливит.
Захарија ја презеде функцијата неколку недели пред среднорочните избори. Својата улога ја опиша како продолжување и засилување на она што го прави Трамп, за кого рече дека самиот е својот најдобар портпарол.
