Скопје му оддава почит на Владимир Муратовски Диво со изложба во Монтажна галерија

Монтажна галерија ја отвора личната архива на авторот со цртежи, музички изданија и уметничка книга во сито-печат.

Скопската независна културна сцена се собира во сабота, 17 октомври во 14 часот во Монтажна галерија, на изложбата „Со почит“ посветена на Владимир Муратовски Диво (1969 – 2026). Поставката обединува фрагменти од неговата долгогодишна работа: поезија, карикатури, звук и лични ракописи. Настанот носи директен увид во творештвото на еден од најпрепознатливите гласови на урбано Скопје.

Поставката ја изложува архивата на авторот преку цртежи, музика, текстови и независни изданија. Зад организацијата стојат неговите долгогодишни соработници и пријатели од Канал 103, колективот Партизанска штампа и 5060.

Владимир Муратовски Диво со децении градеше специфичен творечки израз. Неговиот ракопис се препознаваше по строгиот минимализам, суровиот хумор и повторувањето на мотивите. Изложбата започнала како заеднички проект со него, а завршила со неговиот последен цртеж, автопортрет.

„Со почит не е само наслов, туку и начинот на кој пристапуваме кон неговото дело. Не се обидуваме да направиме конечен портрет на Владимир Муратовски Диво, туку да ја отвориме неговата архива како процес на откривање, сеќавање и истражување“, наведуваат организаторите во најавата.

Посетителите во Монтажна галерија ќе имаат пристап до уметничка книга во сито-печат, посветена на неговите препознатливи цртежи и карикатури. Изданието е работено во духот на DIY културата што авторот доследно ја живееше и практикуваше.

Паралелно ќе биде претставено и звучното издание „Elektro Kultura – Various Astronauts“, подготвено на касета и компакт-диск. Ова издание содржи 15 различни верзии на култната песна „Астронаут“, преработена од домашни и странски музичари.


Поставката се реализира со поддршка од Центарот за современи уметности Скопје, Министерството за култура и туризам и Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс