Нов напад со дронови врз трговски бродови кај Бугарија, Радев бара одговори од Москва

Трговски брод беше погоден кај Бјала, друг потона кај Крапец, додека Софија ги алармираше сојузниците во НАТО и руската амбасадорка Митрофанова
Фото: Илустрација/U.S. Navy Photo by Mass Communication Specialist 2nd Class John Herman

Два трговски брода ноќеска се погодени со беспилотни летала во Црното Море во близина на бугарскиот брег, при што еден од нив потона, а шестмина морнари се повредени. Бугарскиот премиер Румен Радев ги осуди инцидентите како недозволиви за безбедноста на пловидбата и најави дека ќе побара директни објаснувања од руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, како и итни консултации со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Товарниот брод CHELSEA 3 кој плови под знамето на Малта претрпе директен удар од три воздушни дрона на околу 18 наутички милји источно од крајбрежниот град Бјала. Сите 15 членови на екипажот, составен од седум украински и осум азербејџански државјани, се евакуирани со спасувачки чамци и префрлени во пристаништето во Варна.

Шестмина од морнарите се здобија со телесни повреди при експлозиите. Петмина се хоспитализирани во болницата „Света Ана“ со полесни повреди, додека еден морнар со изгореници и повреди на главата е задржан на лекување во Военомедицинската академија. Обласниот управител на Варна, Марио Смарков, потврди дека нема животно загрозени лица и дека бродот пловел празен од Турција кон Молдавија, откако претходно транспортирал жито од Украина. На плавилото не се регистрирани излевања на гориво или загадување на морето.

Речиси истовремено, во одделен инцидент на околу 17 наутички милји источно од селото Крапец, потона друг трговски брод. Воените и цивилните служби за спасување досега успеаја да извлечат најмалку четири лица од морската вода со помош на друг брод кој се нашол во близина.

Бугарските власти соопштија дека информациите за овој бродолом сè уште се прибираат, а спасувачките тимови предводени од Граничната полиција, армијата и Министерството за внатрешни работи продолжуваат со пребарување на акваториумот.

Премиерот Румен Радев ги оцени овие воени дејствија во непосредна близина на бугарските територијални води како директна закана за меѓународниот поморски коридор. Тој соопшти дека ќе ја повика руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на разговор за да побара објаснување за целите и логиката на овие напади, иако засега нема конечни технички докази за точната државна припадност на дроновите.


„Логиката на случувањата укажува дека резултатот од овие напади му оди во прилог на официјална Москва“, изјави Радев. За инцидентите веќе се информирани постојаните претставништва на Бугарија во НАТО и Европската Унија, а шефот на бугарската влада најави директен разговор со генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, околу мерките за заштита на цивилниот транспорт во западниот дел на Црното Море.

е-Трн да боцка во твојот инбокс