Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави досега невидени снимки од надзорните камери во концертната сала „Крокус сити хол“ крај Москва, каде што во март 2024 година беа убиени 149 луѓе. Материјалите прикажуваат движење на четворица вооружени напаѓачи низ ходниците, обиди на публиката да најде засолниште и моментот кога избива пожарот во салата. Објавата доаѓа паралелно со одлука на Врховниот суд на Русија за прогласување нова група поврзана со Ингушетија за терористичка организација.
Материјалот што го објави ФСБ е поделен во три дела. На првиот сегмент се гледаат четворицата напаѓачи како со автоматско оружје поминуваат низ главните премини на комплексот непосредно пред настапот на рок-составот „Пикник“. Преостанатите снимки го бележат хаосот меѓу посетителите кои се кријат зад седиштата додека трае пукањето, како и брзото ширење на пламенот.
WATCH: Russia has released surveillance footage of the March 2024 Crocus City Hall terrorist attack in Moscow for the first time. https://t.co/x2l9fTp073
— Clash Report (@clashreport) October 14, 2026
Напаѓачите подметнаа пожар што набрзо ја зафати целата кровна конструкција, по што дел од таванот се урна врз салата. Медицинските извештаи од истрагата утврдија дека дел од жртвите загинале од куршуми, додека поголем број луѓе настрадале од задушување со густ чад и изгореници.
Објавувањето на снимките следува непосредно по одлуката на рускиот Врховниот суд со која организацијата на следбениците на Батал-Хаџи Белхороев од руската република Ингушетија е прогласена за терористичка. Според тврдењата на ФСБ, членови на оваа мрежа учествувале во логистичката подготовка на нападот, конкретно во набавката и транспортот на оружјето и муницијата.
Двајца мажи поврзани со оваа група веќе издржуваат доживотни затворски казни. Руските истражни органи во официјалните соопштенија продолжуваат да пласираат тврдења за поширока надворешна позадина на нападот, иако одговорноста за масакрот веднаш по настанот ја презеде огранокот на Исламската држава, ИСИС-К (ISIS-K).
Трагедијата во „Крокус сити хол“ отвори серија прашања за брзината на реакција на специјалните полициски единици и противпожарните системи во масовни јавни објекти.
