Шпионски софтвер преку реклами: за напад е доволно огласот да се појави на екранот

Наместо да го убедуваат корисникот да отвори сомнителен линк или документ, напаѓачите можат да испорачаат злонамерен код преку оглас што автоматски се вчитува додека тој прелистува содржини

Обична реклама на веб-страница или во апликација може да биде канал за инсталирање шпионски софтвер, без корисникот да кликне на неа. Ова го откри истражувањето на Citizen Lab при Универзитетот во Торонто, кое документираше употреба на ваква техника против уреди во медиумската мрежа Ал Џезира.

Техниката, наречена „AdFection“, го злоупотребува системот за насочено интернет-рекламирање. Наместо да го убедуваат корисникот да отвори сомнителен линк или документ, напаѓачите можат да испорачаат злонамерен код преку оглас што автоматски се вчитува додека тој прелистува содржини.

Во средиштето на истрагата е израелската компанија Discover-Tech. Според Citizen Lab, таа се претставува како рекламна агенција, а преку својата платформа Controlium им овозможувала на компании за шпионски софтвер да идентификуваат корисници, да ги профилираат нивните уреди и да избираат конкретни цели за напад.

Истражувачите ја поврзаа оваа инфраструктура со шпионскиот софтвер Candiru. Според нивните наоди, преку реклами биле компромитирани 45 компјутери со оперативниот систем Windows во Ал Џезира во текот на 2024 и 2025 година. Медиумската мрежа им овозможила пристап до мрежните записи, што помогнало во реконструкцијата на нападите.

Обемот на рекламната мрежа бил значително поголем од бројот на потврдени напади. Анализата покажала дека огласи поврзани со Discover-Tech се појавувале на повеќе од 120.000 веб-страници и во околу 75.000 апликации. Тоа, сепак, не значи дека сите корисници што ги виделе биле заразени со шпионски софтвер. Прикажувањето оглас, собирањето податоци и успешното преземање контрола врз уред се различни фази на операцијата.

Вакви реклами биле забележани и во мрежи на државни институции, меѓународни организации, медиуми и технолошки компании. Самото нивно присуство во тие мрежи не е потврда за успешен упад.

По истрагата, Google ѝ го укинал пристапот на Discover-Tech до своите рекламни платформи. Мерки презеле и други посредници во дигиталното рекламирање, се наведува во извештајот на Citizen Lab, објавен на 15 октомври.


Наодите отвораат прашања за контролата врз кодот што се испорачува преку интернет-рекламите. Кај ваквите напади, вообичаеното предупредување да не се отвораат непознати линкови има ограничен ефект: нападот може да започне со самото вчитување на избраниот оглас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс