Александар Вучиќ лично побарал укинување на заштитата на Генералштабот во Белград за да се овозможи инвестицијата поврзана со Џаред Кушнер, објави „Гардијан“, повикувајќи се на документи и сведоштва.
Според истражувањето, пренесено од „Фактор“, барањето било изнесено на состанок на 6 февруари 2024 година. Дубравка Ѓукановиќ и Оливера Вучковиќ, надлежни за заштита на културното наследство, одбиле да ја покренат постапката бидејќи сметале дека нема законски услови.
Заштитата на Генералштабот стана предмет на истрага
Проектот бил проценет на околу 500 милиони долари и предвидувал хотелско-станбен комплекс. Подоцна постапката за отстранување на заштитениот статус станала предмет на истрага поради сомневања за незаконитости и фалсификувана документација.
Во декември 2025 година бил поднесен обвинителен предлог против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца функционери. Вучиќ и Синиша Мали не се обвинети.
Компанијата на Кушнер се повлече од проектот истиот месец. Неговиот портпарол ги отфрли тврдењата за политичка противуслуга. Според „Гардијан“, Вучиќ не одговорил на барањето за коментар, а обвинителството испитува можна одговорност и на други лица.
