Надлежните институции зборуваат за подобрување на студентскиот стандард, студентите во Македонија пријавуваат сосема поинаква реалност – прекинати субвенции за оброк, доцнење на стипендиите, поскап превоз, нехигиена, лебарки и глувци во студентските домови., пишува Мета.мк.
За само шест месеци се регистрирани 717 студентски пријави, кои покажуваат дека проблемите не се ограничени само на условите за живеење, туку и на административното работење на факултетите и институциите.
Ова го покажува анализата презентирана на 14 октомври, изработена врз основа на пријавите преку дигиталната платформа „Студентарија“, во рамките на проектот „Дигитален студентски глас 2026“, објави „Мета“.
Во периодот од април до септември 2026 година се евидентирани 717 пријави, додека повеќе од 1.300 лица учествувале во јавните гласања на платформата.
Наодите укажуваат на повторливи проблеми со функционирањето на студентските служби, нејасни критериуми за оценување, недостапни професори, административни пропусти и недоволна транспарентност.
Иако пријавите не претставуваат статистички репрезентативна слика за сите студенти во земјата, тие откриваат конкретни случаи и повторливи слабости за кои надлежните институции треба да понудат решенија.
Поради административни пропусти, студентите остануваат без оброк
Еден од најчесто посочуваните проблеми е прекинувањето или неодобрувањето на правото на субвенциониран студентски оброк.
Студентите пријавувале непотврдени апликации, технички проблеми и ситуации во кои морале повторно да аплицираат, иако причините за прекинот не биле на нивна страна.
Како конкретен пример во анализата се наведува Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Според студентските пријави, поради ненавремено доставување податоци до Министерството за образование и наука, поголем број студенти останале без правото на субвенциониран оброк.
Дополнителен проблем е висината на субвенцијата од 140 денари дневно, која не е зголемена од 2023 година.
Со законските измени од таа година, субвенцијата беше зголемена од 120 на 140 денари, со предвидено усогласување со инфлацијата.
Студентите оценуваат дека овој износ веќе не е доволен за покривање на трошоците за оброк.
Оттука, се поставува прашањето зошто правото што треба да обезбеди финансиско олеснување може да биде прекинато поради административни пропусти и дали предвиденото усогласување со инфлацијата се спроведува.
Стипендиите доцнеле со месеци, студентите останувале во финансиска неизвесност
Проблемите не завршуваат со студентскиот оброк.
Во текот на анализираниот период се регистрирани и пријави за доцнење на исплатата на стипендиите, особено кај студентите на втор циклус студии.
Во јуни дел од студентите пријавиле дека не добиле средства за претходните два месеци. Проблемот повторно бил посочен во јули, а според презентираната анализа, исплатата во конкретниот случај била реализирана дури во август.
За студентите кои зависат од стипендиите за покривање на трошоците за образование и живот, ваквото доцнење претставува сериозен финансиски проблем.
Во анализата се посочува дека не постои општ законски рок за секоја месечна исплата, поради што не може секое доцнење автоматски да се квалификува како законско прекршување.
Сепак, тоа не ја намалува потребата од предвидливост и навремено информирање.
Меѓу препораките е МОН да објавува јасен календар за конкурсите, резултатите и исплатите, со информации за евентуалните доцнења.
Лебарки, глувци и прекини на струјата во студентските домови
Особено загрижувачки се пријавите за условите за живеење во студентските домови.
Студентите пријавувале лоша хигиена, појава на лебарки и глувци, недостиг од топла вода, проблеми со водоснабдувањето и прекини на електричната енергија.
Меѓу домовите што се споменуваат се „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје, како и „Кочо Рацин“ во Битола.
Во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид бил пријавен и повеќедневен прекин на електричната енергија.
Освен условите за сместување, студентите пријавувале и проблеми со конкурсите, нејаснотии околу рангирањето, распределбата на собите и наплата за цел месец иако вселувањето било реализирано подоцна.
Анализата потсетува и на наодите од Државниот завод за ревизија од 2024 година, според кои при ревизијата не бил презентиран интерен акт за одредени постапки поврзани со приемот и рангирањето на студентите.
Препораките опфаќаат редовни санитарни контроли, навремено решавање на пријавите, транспарентни ранг-листи и јасни правила за распределба на собите.
Превозот поскапува, бесплатниот билет не е достапен за сите
Студентите што секојдневно патуваат од еден град во друг се соочуваат и со зголемени трошоци за меѓуградски превоз.
Во пријавите од септември се посочуваат поскапувања на повеќе релации, меѓу кои Тетово – Скопје, Куманово – Скопје, Гостивар – Скопје, Битола – Скопје, Охрид – Скопје и други линии.
Дополнително, студентите од приватните универзитети бараат еднаков пристап до бесплатниот градски превоз во Скопје.
Според анализата, годишниот бесплатен билет им е достапен на редовните студенти на државните универзитети во главниот град, запишани на прв циклус студии, додека студентите од приватните универзитети не се опфатени.
Ова прашање не е ново.
Уште во 2023 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упатила препорака за системско решение што ќе обезбеди континуиран пристап до бесплатен јавен превоз и за редовните студенти на приватните универзитети.
Истовремено, Националната стратегија за млади 2023–2027 предвидувала намалување на цените на меѓуградскиот превоз за студентите и средношколците, со целно намалување од 30 проценти во периодот од септември 2023 до мај 2024 година.
Наместо олеснување, дел од студентите во септември 2026 година пријавуваат дополнителни поскапувања.
Нејасно оценување, недостапни професори и студентски служби
Покрај финансиските проблеми, анализата открива и незадоволство од начинот на функционирање на дел од факултетите.
Студентите пријавувале нејасни критериуми за оценување, непризнаени поени, испитни прашања што според нив не биле соодветно обработени на наставата и сомнежи за фаворизирање одредени студенти.
Дел од поплаките се однесуваат на неодговорени електронски пораки, недостапни професори и асистенти, доцнење на испитните резултати и неажурни студентски служби.
Особено проблематични се случаите во кои студентите не добиваат навремени информации за административните постапки или за начините на поднесување приговор.
Законот за високото образование предвидува права на студентите поврзани со квалитетот на студирањето, оценувањето и заштитата на нивното достоинство.
Но постоењето законски права не е доволно доколку студентите не располагаат со јасни информации како да ги остварат.
717 пријави за шест месеци – ќе реагираат ли институциите?
Резултатите од проектот „Дигитален студентски глас 2026“ покажуваат дека значителен дел од пријавените проблеми се поврзани со административното функционирање, транспарентноста и навременото постапување на институциите.
Некои од нив не бараат големи капитални инвестиции, туку подобра организација, координација и јасни рокови.
Други, како условите во студентските домови и трошоците за живот, бараат системски пристап и финансиски средства.
За Министерството за образование и наука, универзитетите и управите на студентските домови, анализата претставува конкретен список на проблеми што бараат одговор.
Податоците не утврдуваат одговорност за секој поединечен случај, но даваат основа институциите да ги проверат пријавите и јавно да информираат за преземените мерки.
По шест месеци пријави, студентите не бараат само да бидат сослушани. Очекуваат навремени стипендии, непречено остварување на правото на оброк, пристоен превоз и услови за живеење што одговараат на основните стандарди.
Прашањето што останува е колку од овие проблеми ќе бидат решени и дали следната анализа ќе покаже реално подобрување на студентскиот стандард или повторување на истите поплаки.
