Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека луѓето што им откриваат доверливи информации на медиумите за американските воени операции треба да се соочат со смртна казна со стрелање. На собир во Аризона, Трамп остро го нападна непознатото лице од безбедносниот систем кое на новинарите им ги открило деталите за часот на воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки, тврдејќи дека таквото оддавање податоци директно ги загрозува војниците на терен.
За време на обраќањето пред поддржувачите, шефот на Белата куќа отворено порача дека државата мора без милост да ги казни внатрешните извори кои споделуваат оперативни податоци со новинарите.
„Според мене, оние што оддаваат тајни треба да се стрелаат. Во старите времиња ги стрелавме луѓето кога ќе откриеја во колку часот планирате да нападнете некоја земја. Напаѓате заради одбрана, бидејќи не сакате тие да поседуваат оружје што може одеднаш да убие милиони луѓе“, рече Трамп.
Тој додаде дека со оние што пуштаат информации во јавноста треба да се постапува исклучително строго, нарекувајќи ги „олош над олошот“. Неговата реакција следи по објавувањето податоци за воената операција од јуни 2025 година, кога американски сили ги бомбардираа иранските нуклеарни центри во Натанц, Фордо и Исфахан.
На вториот настан одржан во Монтана, Трамп најави формирање нов полигон наменет за тестирање оружје од најнова генерација.
Капацитетот ќе служи за развој на автономни воени системи, вселенска технологија, опрема за електронско војување и суперсонични и хиперсонични проектили. Според Трамп, инвестицијата ќе гарантира зачувување на технолошката надмоќ на американската армија.
Говорот во Монтана накратко беше прекинат од демонстрант во публиката, што претставува дел од зачестените инциденти на собирите. Претходно во Охајо, приврзаник на претседателот физички нападна жена која носеше натпис со барање за објавување на судските документи за Џефри Епстин.
