Вечерва почнува Скопскиот џез-фестивал: 11 концерти од 13 земји

Четири вечери современ џез, слободна импровизација и електронски експерименти. Полноќните концерти за првпат се преселуваат од МКЦ на малата сцена во Националната опера и балет.

Со настапот на словенечкиот перкусионист и композитор Златко Каучич вечерва, 15 октомври, во 20 часот започнува 45. Скопски џез-фестивал. До 18 октомври, во Националната опера и балет ќе се одржат 11 концерти со музичари од 13 земји, распоредени во четири фестивалски вечери. Осум концерти се на главната сцена, а три полноќни настапи за првпат ќе се одржат на малата сцена во истиот објект.

Четврток, 15 октомври: Каучич, октетот на Скорупа и полноќ со Мира и Дрејк

Фестивалот вечерва во 20 часот го отвора Златко Каучич со составот Комбо БЦ и проектот „Храброста на храбрите“. Словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор настапува со поранешни студенти и гости од Италија.

Во 22 часот следува Леонхард Скорупа, тенор-саксофонист, кларинетист и композитор, со меѓународниот состав Њу Квиспел Октет. За отворањето на фестивалот тој подготви ново музичко дело, а основниот квинтет го прошири со тројца македонски музичари: Божидар Пеиќ на виолончело, Бојан Талевски на виола и Ѓорѓи Петрушевски на обоа.

Полноќната програма, на малата сцена во Националната опера и балет, ја носи дуото Пасквале Мира и Хамид Дрејк. Италијанскиот вибрафонист и американскиот перкусионист и вокалист ќе настапат во првиот од трите полноќни концерти на фестивалот.

Петок, 16 октомври: Норвешка и Исланд преку проектот „Пункт“

Втората вечер е поврзана со „Пункт“, меѓународниот музички проект од норвешкиот град Кристијансанд, познат по спојувањето на импровизацијата, електрониката и музичките ремикси во живо.

Во 20 часот настапуваат норвешките музичари Ејвинд Орсет, на гитара и електроника, и Јан Банг, кој работи со семплирање во живо. Во 22 часот следува исландското дуо Скули Сверисон и Олоф Арналдс. Сверисон е композитор и бас-гитарист, а Арналдс композиторка и мултиинструменталистка.

На полноќ, Ерик Оноре и Јан Банг, основоположници на „Пункт“, ќе изведат ремикс во живо на малата сцена во Операта.

Сабота, 17 октомври: Андреа Мирческа, Ндудузо Махатини и полноќен дуо-настап

Саботната програма започнува во 20 часот со квинтетот на македонската вокалистка Андреа Мирческа и нејзиниот проект „Успаванка за лунатици“. Мирческа е добитничка на наградата за најдобар џез-музичар на Скопскиот џез-фестивал во 2019 година.

Во 22 часот настапува јужноафриканскиот пијанист и композитор Ндудузо Махатини, кој снима за престижната џез-издавачка куќа „Блу ноут“. Неговата музика ги поврзува џезот, духовноста и музичките традиции на Јужна Африка.

Третиот полноќен концерт го носат британскиот пијанист, композитор и органист Александер Хокинс и шведската вокалистка Софија Јернберг, родена во Етиопија. Нивниот заеднички проект „Мушо“ ја заокружува саботната програма на малата сцена.

Недела, 18 октомври: „Сао Паоло андерграунд“ и затворање со Венсан Пејрани

Последната фестивалска вечер започнува во 20 часот со бразилско-американското трио „Сао Паоло андерграунд“, кое ги истражува можностите на електроакустичната музика, спонтаното компонирање и звучното експериментирање.

Фестивалот ќе го затвори францускиот хармоникаш Венсан Пејрани со квинтетот „Ливинг Бинг“. Составот ги поврзува џезот, рокот, современата композиција и различните музички традиции, создавајќи простор за колективна импровизација и истражување на звукот.

Во недела нема полноќен концерт.

Зошто полноќните концерти се селат од МКЦ во Операта?

Трите полноќни концерти годинава за првпат ќе се одржат на малата сцена во Националната опера и балет, наместо во Младинскиот културен центар, каде што се одржуваа во претходните години.

Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, објасни дека одлуката за напуштање на МКЦ била донесена поради несоодветните услови, посочувајќи дека таму нема функционални тоалети.

„Замислете, таму се одржуваат концерти, а не постојат тоалети“, рече Белопета.

Програма без додворување на публиката

Белопета нагласува дека програмата е создадена за да го зачува угледот на Скопскиот џез-фестивал на европската и светската музичка сцена, а не за да се приспособи кон она што домашната публика најмногу сака да го слуша.

Според него, фестивалот со години гради препознатливост преку современиот џез, слободната импровизација и музичките експерименти, наместо да се потпира на комерцијално препознатливи имиња.

„Програмата во ниеден сегмент воопшто не е правена да ѝ се додворува на овдешната публика и не води сметка што сака таа најмногу да чуе од џезот“, изјави Белопета.

Во придружната програма е најавена и работилницата „Џез за деца“ под водство на Гоце Наумов, на 17 октомври. Дизајнот на фестивалскиот плакат и годинава е на ликовниот уметник Ѓорѓе (Џоле) Јовановиќ.

Скопски џез-фестивал се одржува под покровителство на Министерството за култура и туризам, а годинава со симболична поддршка повторно се вклучува и Град Скопје.

Практични информации

Фестивалот трае од 15 до 18 октомври во Националната опера и балет.


  • 15 октомври: 20:00 и 22:00 часот на главната сцена; полноќен концерт на малата сцена.
  • 16 октомври: 20:00 и 22:00 часот на главната сцена; полноќен концерт на малата сцена.
  • 17 октомври: 20:00 и 22:00 часот на главната сцена; полноќен концерт на малата сцена.
  • 18 октомври: 20:00 и 22:00 часот на главната сцена.

Билетите се во продажба преку МК Тикетс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс