Во Франција е отворен хотел под облаците

Има хотели со убав поглед, а има и такви во кои буквално се будиш над облаците.

Во француските Пиринеи повторно е отворен Hôtellerie des Laquets, хотел сместен на 2.620 метри надморска височина, што го прави највисок хотел во Франција. Има само 16 двокреветни соби, а секоја од нив нуди панорамски поглед кон планинскиот масив.

Хотелот првично бил изграден меѓу 1930 и 1933 година, но повеќе од три децении бил затворен. По реновирањето, повторно ги отворил вратите кон крајот на септември. Задржан е дел од оригиналниот планински дух, но новото уредување комбинира алпска атмосфера со поминималистички, нордиски стил.

До хотелот не се стигнува на вообичаен начин. Гостите прво се качуваат со жичарница од La Mongie до врвот на Pic du Midi, а потоа со приватна кабина се спуштаат до самиот хотел. Токму ова искуство, заедно со спектакуларниот пејзаж, го прави местото атракција за сите што бараат поинакво патување.


За љубителите на необични дестинации, ова е уште еден доказ дека понекогаш најдобрите адреси не се во центарот на градот, туку далеку од сè – високо, тивко и поблиску до небото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс