Социјалните мрежи со години го ограничуваа прикажувањето на експлицитно насилство, но планот на администрацијата на Трамп во живо да пренесува јавно погубување ќе тестира колку платформите се навистина подготвени да ги спроведуваат сопствените правила. Министерот за одбрана Пит Хегсет и Пентагон најавија дека на 3 декември ќе го пренесуваат погубувањето на мајорот од американската војска Нидал Малик Хасан пред стрељачки вод.
Тоа ќе биде првпат извршувањето на смртна казна во САД да се пренесува преку интернет, а технолошките компании сè уште немаат објавено дали ќе го дозволат преносот или ќе ги отстрануваат снимките што корисниците ќе ги споделуваат, пишува „Политико“ (Politico). Платформите веќе се под притисок ширум светот да ги заштитат децата од насилна содржина, а најавениот пренос ја става таа обврска пред нов предизвик.
Европските регулатори ги предупредуваат технолошките компании да не го емитуваат погубувањето, додека австралиските пратеници бараат од своите регулаторни тела да спречат такви објави. Водечките платформи, вклучувајќи ги TikTok, X на Илон Маск, Twitch на Amazon, YouTube на Alphabet и Facebook и Instagram на Meta, имаат правила што го ограничуваат прикажувањето смрт и насилство.
Од правилата на Meta, на пример, изрично е забранет преносот на извршување смртна казна. Од друга страна, тие компании имаат блиски врски со администрацијата, што може да влијае врз нивното работење. Портпаролот на TikTok го упати „Политико“ на правилата на компанијата против прикажување убиства со огнено оружје. Останатите компании не одговорија на прашањата за тоа дали ќе ги спроведуваат сопствените правила.
„Компаниите ќе чекаат до последниот момент пред да ја објават својата одлука бидејќи знаат дека постои можност Трамп од сè да се откаже“, изјави Кети Харбат, основачка на консултантската компанија Anchor Change и поранешна директорка за јавни политики во Meta.
Аналитичарите сметаат дека одлуката на платформите може да зависи од исhoдот на изборите на средината на мандатот и политичките последици што би произлегле од примената или игнорирањето на правилата. Планираниот пренос предизвика против и од демократите и од републиканците, а ABC News наведува дека претседателот Трамп и неговите соработници расправаат за можно откажување од преносот.
„На прв поглед, преносот на погубување во живо би ги прекршил правилата за насилство на речиси секоја поголема платформа. Сепак, секоја од нив си остава простор за содржина што е од јавен интерес или на друг начин значајна“, рече Евелин Доуек, вонредна професорка на Правниот факултет Станфорд. „Историјата на примената на тие исклучоци покажува дека на крајот на денот тие одлуки повеќе се водат од политиката отколку од принципите. Платформите ќе го сторат она што го сметаат за политички најкорисно“, порача таа.
Технолошките платформи инаку брзо ги отстрануваат снимките од јавни погубувања, кои често ги дистрибуираат терористички организации. Но, налогот на американската влада претставува поинаков предизвик бидејќи компаниите би можеле да се соочат со критики без оглед на одлуката.
„Социјалните мрежи се во ситуација без добро решение кога станува збор за објавување ваква содржина“, рече Ерик Голдман, професор на Правниот факултет на Универзитетот Санта Клара. „Многумина се згрозени од одлуката на владата воопшто да пренесува таков настап.“ Но, правните ризици за емитување се чинат ограничени.
Членот 230 од Законот за комуникации ги штити технолошките компании од одговорност за содржината што ја објавуваат корисниците. Платформите исто така би можеле да тврдат дека погубувањето е вест од јавен интерес, дури и ако се коси со нивните правила.
Блокирањето на преносот би можело да има политичка цена. YouTube плати 24,5 милиони долари во нагодба по тужбата со Трамп поради суспензијата на неговиот профил, Meta плати 25 милиони долари во сличен случај, а X 10 милиони долари. Иако потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека не планира да го гледа погубувањето, платформата што би одбила пренос сè уште би можела да се соочи со последици и одмазда од администрацијата.
