„О2 иницијатива“ достави 17 амандмани: Пратениците на тест за Законот за животна средина

Граѓанската иницијатива „О2“ достави 17 предлог-амандмани до сите пратеници за измените на Законот за животна средина, непосредно пред денешната седница на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. Бидејќи редовниот рок за поднесување веќе е истечен, здружението повика пратениците сами да ги поднесат како комисиски амандмани и јавно да соопштат дали ќе ги поддржат.

Седницата на собраниската комисија е закажана за денеска во 12:00 часот, а материјалите од граѓанските активисти биле доставени до пратеничките канцеларии во петокот. Информацијата дека деловничкиот рок за редовни амандмани веќе поминал го префрла целиот товар врз самите пратеници.

Единствениот институционален пат овие барања да влезат во законскиот текст е комисијата да ги преточи во сопствени, комисиски амандмани за време на претресот.

Предложените 17 амандмани таргетираат системски дупки во досегашната регулатива. Активистите инсистираат на задолжително учество на јавноста пред каква било финална одлука, вклучително и во раната фаза кога институциите пресекуваат дали за одреден проект воопшто е потребна Оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС).

Пакетот предвидува право на жалба и увид на граѓаните кај еколошките елаборати, прецизни критериуми за тоа кои капацитети задолжително одат на ОВЖС и законска обврска за мерење на кумулативното загадување. Загадувачите повеќе да не можат да ги кријат податоците за штетните емисии под превезот на „деловна тајна“, а се бара и директно спроведување на принципот „загадувачот плаќа“ за контаминираните локации.


Граѓанските здруженија со години реагираат на праксата законските измени за екологија да минуваат без навремена дебата. Прашањето до Јаревски отвора и одговорност за тоа како Зелената парламентарна група во иднина планира навреме да ги разгледува законите, пред роковите да истечат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс