Двајца загинати во поплавите во Истанбул: Меѓу жртвите и 14-годишно момче

Обилните дождови предизвикаа сериозни поплави во најголемиот турски град, при што беа поплавени домови и деловни објекти, а сообраќајот беше парализиран во повеќе делови. Властите ја прекинаа наставата во училиштата поради опасност од нови поплави.

Две лица загинаа во поплавите што го зафатија Истанбул по обилните врнежи во средата. Меѓу жртвите е 14-годишно момче кое починало од струен удар, додека 34-годишно лице го загубило животот откако паднало во надојдената вода и не успеало самостојно да се извлече.

Првата трагедија се случила во населбата Балат, во општината Фатих. Четиринаесетгодишното момче, идентификувано со иницијалите М. И., нагазило во насобрана вода во близина на паркот Чукурбостан, по што доживеало струен удар. Било пренесено во болница во бессознание, но лекарите не успеале да го спасат. Истанбулските власти отвориле истрага за околностите на несреќата.

Втората жртва е 34-годишно лице со иницијали С. Ј., кое загинало во населбата Ајазага, во општината Саријер. Според турската новинска агенција Анадолу, лицето се обидувало да ја премине улицата Деребоју, поплавена од силните дождови, кога се лизнало и со главата удрило во тротоарот.

По падот останало во насобраната вода и не можело самостојно да се извлече. Присутни граѓани успеале да го извадат, а потоа интервенирала итната медицинска помош. Лицето било пренесено во болницата „Сејрантепе Хамидије Етфал“, каде што починало и покрај напорите на лекарите. И за овој случај е отворена истрага.

Поплавени домови и стотици пријави

Невремето предизвика сериозни поплави во најголемиот град во Турција. Водата носела автомобили, поплавила стотици домови и деловни објекти, а во повеќе делови од градот сообраќајот бил отежнат или целосно прекинат.

Според претходно објавените податоци на истанбулските власти, во средата биле регистрирани 1.277 пријави за поплавување и 47 случаи во кои граѓани останале заглавени. Во справувањето со последиците биле ангажирани околу 8.000 припадници на надлежните служби, како и 2.000 возила и градежни машини.


Поради опасноста од нови поплави, денеска, 15 октомври, наставата во сите јавни и приватни училишта во Истанбул е прекината. Властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребно движење, особено во близина на подвозници, водотеци и поплавени улици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс