Американското Федерално истражно биро (ФБИ) упати јавна благодарност до Одделот за сајбер-криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за апсењето на администраторот на нелегалниот сајбер-пазар „ОЛВИкс“ (OLVX).
Од американската служба наведуваат дека акцијата претставува прва заедничка сајбер-операција координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија. Случајот е пример за меѓународна полициска соработка во борбата против криминалот на интернет.
„ФБИ им честита на нашите партнери од Одделот за сајбер-криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Северна Македонија за успешното апсење на администраторот на криминалниот пазар ОЛВИкс“, се наведува во пораката на американското биро.
Украдени лични податоци и лозинки
Според информациите од истрагата, платформата „ОЛВИкс“ била активна од 2023 до 2025 година и незаконски продавала лични податоци и податоци за најава на кориснички сметки. На пазарот функционирале повеќе од 1.500 продажни сметки преку кои се нуделе украдени информации.
ФБИ предупредува дека ваквите платформи ја загрозуваат дигиталната безбедност на граѓаните, бидејќи украдените податоци можат да се искористат за преземање кориснички сметки, кражба на идентитет и други форми на интернет-криминал.
Од американското биро истакнуваат дека операцијата ја одразува посветеноста на службата на соработката со меѓународните партнери во заштитата на граѓаните од закани во сајбер-просторот.
„Оваа акција ја означува првата сајбер-операција некогаш координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија и ја одразува посветеноста на ФБИ да соработува со партнери ширум светот за заштита на американскиот народ во сајбер-просторот“, се наведува во соопштението.
Апсењето на администраторот на „ОЛВИкс“ е значаен чекор во истрагата против нелегалниот пазар, а јавната благодарност од ФБИ ја истакнува улогата на македонските полициски служби во меѓународната борба против сајбер-криминалот.
